• Средба на тимот за учење за Математика со размислување

    Средба на тимот за учење за Математика со размислување

    На оваа средба членовите на тимот за учење од Битола:

    • беа информирани за резултатите од испитувањето на состојбата на крајот од првиот циклус на реализацијата на Математика со размислување со посебен акцент на подрачјата каде е потребно подобрување;
    • разменија искуство од сопствените училишта за примената на моделот на прачки при решавање на задачи со множење и делење;
    • дискутираа и добија насоки за правење рефлексија на сопствен или на колегите реализиран наставен час на кои се применува специфична техника од Математика со размислување;
    • споделуваа и дискутираа успеси, предизвици и добри практики (фасилитаторот Лидија Павловска преку видео ги сподели успесите и добрите практики од сопствената работа и од работата на другите колеги од училиштето “Коле Канински”).  

    Во рамките на програмите Математика со размислување и Јазична писменост во почетните одделенија, во јуни 2013 година, се формираа првите 10 тимови за учење (6 за Математика со размислување и 4 за Јазична писменост) каде 195 одделенски наставници ќе добијат можност за добивање дополнителна колегијална поддршка и професионален развој.

     

    За тимовите за учење

    Најдобра форма за професионален развој на наставниците и учење од колегите надвор од училиштето, покрај формалните обуки и работилници, се тимовите за учење. Тимовите за учење се заедници од мала група наставници и се формираат со цел наставниците да споделуваат искуства и да учат од практиката. Тимот кој е внимателно составен и добро воден обезбедува зголемување на квалитетот на наставата затоа што наставниците имаат можност:

    • да се вклучуваат во поконкретни и детални дискусии во врска со нивната сопствена практика и практиката на други наставници;
    • да стекнуваат дополнителни знаења и искуства кои потоа им ги пренесуваат на колегите во сопственото училиште;
    • да споделуваат успеси и добри практики од сопствената работа и од работата на другите колеги во нивното училиште.

     

    Тимовите за учење ги организира координатор, а ако има потреба средбите ги води фасилитатор. Координатор или фасилитатор на тимот за учење, е советник од БРО.

    Една средба на тим за учење трае 3-4 сати, зависно од темата и активностите на средбата и се покануваат 16-20 претставници од училиштата од една општина. Средбите се главно насочени кон размена на искуства, идеи и материјали поврзани со учењето и постигањата на учениците.

    Членови на тимот за учење се по 2 претставници од секое училиште и тоа: наставници кои се национални обучувачи, наставници кои се училишни обучувачи, претставници од стручната служба односно од училишните тимови за проектот; наставници кои ја поминале обуката за снимање добри практики и директори на училиштата доколку се дискутира за специфична проблематика. На средбите на тимовите за учење може да бидат поканети, наставници/асистенти од факултетите за учители од соодветната општина како и заинтересираните советници од Бирото за развој на образованието.

     

    Методите и техниките за работа кои се користат на средбите зависат од планираните активности и содржини, а најчесто се користат: презентации; видео-снимки на часови/делови од часови поврзани со Математика со размислување и Јазична писменост во почетните одделенија, изготвени материјали за реализација на наставата (планирања, наставни ливчиња, прирачни материјали, изработки од ученици, листи/инструменти за оценување, извештаи, рефлексии и сл).

    Leave a reply →